(Видео) Австралиски сурфер го собори светскиот рекорд – сурфал повеќе од 30 часа во тешки услови

Австралиецот Блејк Џонстон постави нов рекорд на најдолго сурфање на бранови подолго од 30 часа, на плажата Кронула во јужен Сиднеј. 40-годишниот Џонстон започнал да плаче бидејќи успеал да го надмине претходниот рекорд кој го држеше Јужноафриканецот Џош Енслин (30 часа и 11 минути). Австралиецот сурфал во многу тешки услови, изложувајќи се на ризик од слепило, инфекции на ушите, дехидратација, замор од недостаток на сон, хипотермија и напади на ајкула.




Тој на кратко излегол од водата за брз медицински преглед, им се заблагодарил на стотината луѓе кои го бодреле на плажата Кронула и повторно им се вратил на брановите за да постави нов рекорд од 40 часа сурфање. „Имам уште работа. Имам 40 години, затоа повторно ќе одам и ќе дадам се од себе“, изјавил тој пред новинарите.




Блејк Џонстон се впуштил во авантура на постигнување рекорд за да собере 400.000 австралиски долари за подигнување на свеста за менталното здравје кај младите и спречување на самоубиства. Таткото на сурферот извршил самоубиство пред 10 години. Сурферот „фатил“ повеќе од 600 бранови од почетокот на сурфањето кое започнало во четвртокот наутро и продолжило длабоко во ноќта со светло од поставените рефлектори. Неговиот брат Бен Џонстон објаснил дека Блејк бил подготовен и за можноста да го нападне ајкула, но тоа не го загрижувало.




„Сурфав со него во 2 часот наутро и светлата се исклучија, насекаде беше темница“, рекол тој за „ABC“. Неволја за сурферите биле и бројните медузи во водата.




За Блејк ова не било прв тест за издржливост бидејќи во 2020 година истрчал 200 километри долж стрмниот јужен брег на Сиднеј и поголемиот дел од патеката го трчал бос.